Супер херој

Беше ден. Обичен ден. Беше еден од оние денови кога ни на крај памет не ти иде дека тебе може да ти се случи нешто неубаво. Но, како и убавите работи и неубавите имаат свој почеток. Понекоаш крајот е среќен, понекоаш несреќен. Јас имав среќа да имам два среќни почетоци. Ова е приказна за навидум обичен човек шо денес полни шеснаесет години по втор пат.

Шо прајме за вечер?

  • Шо знам да седиме дома…да гледаме филм?

Важи..ела да те цунам и одам да се спремам за на работа.

  • 🙂

Абе цел ден ми забегуе ракава. Сакам да ја стаам у џеп ама некако не оде натаму. Чудна работа. Како да не е моја. Како да има сопствен ум и цел ден ми се инаeти. Веројатно од шо кревам тешки работи?

*Неколку месеци подоцна

Бев на работа и по пат се прашував што е ова шо почна да ми се случува. Стигнав дома и влегов да се туширам. Ја користев само левата рака пошо десната не беше послушна. Раката се играше сама. На мама не и кажав за да не се нервира. Сигурно не беше ништо страшно, се тешев. Тоа време татко ми и брат ми беа на работа некаде у Грција. Затоа и не сакав да ја плашам пошо знам колку лесно паничи. Навечер нападите беа поинтензивни. Едно време комплетно изгубив контрола на половина рака. Тоа беше невообичаено оти обично само дланката беше онаа која имаше трнење како да има уште едно срце во неа и пумпаше. Беше доцна па отидов на прва помош. Стандард шема. Мерење притисок, нормален. Глупави прашања јадеше ли, спиеше ли, да не се нервираш нешто?

Ништо од тоа. Животот продолжи некако нормално после таа вечер. После 3-4 дена раката повторно почна да станува непослушна. Во тој момент знаев дека нешто страшно се ми се случува но не сакав да верувам. Таа позитивна енергија шо ме тера напред и ја имам и ден денес не даваше да размислувам на тој начин. Овојпат бев на работа. колегите приметија дека нешто не е во ред со мене. Онаа паника која ја доживував се приметуваше од авион. Земав такси и право на лекар.
Стандард шема. Мерење притисок, нормален. Глупави прашања јадеше ли, спиеше ли, да не се нервираш нешто? Терапијата се сведуваше на еглонил и дијазепам инјекции. Работи кои веројатно немаа никаква врска со нападите кои ги доживував. Едноставно ме смируваа и ме успиваа. Утредента решив да го посетам матичниот доктор. Не бев сам. Со мене беше мајката на еден мој другар. По стандардните прашања мерење притисок, нормален и глупавите прашања јадеше ли, спиеше ли, да не се нервираш нешто? Докторот ми препиша хелекс. Мене? Ја шо у живот се неам аналгин напиено. Но шо е тука е. Веројатно докторот знае шо е најдобро за мене. На враќање дома ги земав. Ја сум од оние шо мразат лекарства. Од оние кои упатството го читаат од а до ш. Посебно делот со контраиндикации. Знаев дека не треба но ете, го правев тоа редовно. Се противев и не сакав да ги пијам. Мама ме натера да земам барем едно и да видам дали нешто ќе се смени. И се смени. Во наредните денови не можев да станам од кревет. Не можев да функционирам. Спиев по 16 саати. И кога се будев бев омалаксан. Хелексот го црпеше секое позитивно капче енергија од мене. Очигледно беше дека терапијата не ми годи. Нападите во десната рака не запираа. Почнаа да стануваат се почести. Веќе почна да ме мава и на психа. Станав раздразлив. Јас, детето кое ништо не можеше да го налути? Повеќе бев во чекална кај матичниот, него на работа или дома. И тоа ужасно ме нервираше. Знаеш дека нешто не е во ред но ништо не можеш да направиш. После десетата посета кај докторот пукнав. Пукнав од истите рутински прашања. Пукнав од незаложбата да проба да ми помогне. Да се јави некаде. Да ме прати на следно ниво. Највеќе пукнав кога ме насмеан ме праша:

  • Да си бидиме искрени. Ова ти е на нервна база. Кажи ми, имаш ли редовно секс???

Тоа беше капакот. Си ја земав книшката и му вратив:

Докторе, мене куров добро ми работи, со раката имам проблем.

И толку беше. Од тогаш го немам видено. Видов дека ќе морам сам да се снаоѓам како знам и умеам. Од коа памтам за себе сум бил самотник. Не осамен да се разбереме. Моите проблеми не ги префрлам кај други луѓе. Не ги давам луѓето со лични работи иако знам дека понекогаш треба. Но јас сакам сам да решам што и да е. Притисокот за мојот живот и се во него го ставам на сопствениот грб. Но животот има чудни текови понекоаш. Знае да ти фрли некоја коска да ја позаглодаш. Сосема случајно од кај докторот на татко ми требаше нешто да земам. Го познавав човекот. Имав слушано дека доста е добар дијагностичар. Кај него имам и нешто работено поврзано со работава која и денес ја работам. Пријатен човек. Знаеше да те сослуша. И знаеше да праша тоа што не му е јасно. Си реков ќе го прашам и јас него. На кратко му раскажав шо ми се случува. Во очите можев да му прочитам загриженост што дополнително ме испаничи. Легнав на маса и почна со пинцета да ме боцка на некои места по телото.

  • Ако приметиш дека нешто ти се случува да ми кажеш.

И го послушав. Си го слушав и телото. Го слушав секој нерв. И ете го. Само што ме боцна некаде кај стапалото случајно или не нападот се повтори.

  • Аха. Го осети тоа?

Да. Шо е тоа?

  • Не би сакал да те плашам но изгледа дека имаш притисок некаде на левата страна од главата. Нешто притиска на кората од мозокот и ги предизивува тие напади.

Се смрзнав. Мозок? Кора? Напади? Кој ли ми е курац?

  • Не се нервирај и не се плаши. Може и да не е ништо сериозно. Ќе пратам во Скопје кај пријател. Ќе направат ЕЕГ и ќе видиме како понатаму.

Институти? Ментално здравје? Абе за вака ли бев у пичку матер? Ќе полудам ли? Шо ќе биде со мене? Шо ќе биде со моите? Ќе треба ли како цвеќе да ме гледаат до крајот на животот? Усвари ќе треба ли секоја недела цвеќе да ми носат??? Тоа се некои мисли кои ти прелетуваат низ главата па колку и да си позитивен.

Дома пак не кажав. Уште не бев сигурен. Не знаев шо уствари ми се дешава. Мајка ми знаеше само дека нешто имам проблем, ама дека е не е ништо страшно. Мада осеќаше.

Дојде денот за да одам во Скопје. Некако се снајдов по тоа улуците и го најдов местото. Ме пречека некој доктор. За човек кој покрај блага настинка не бил болен од ништо друго, самиот факт шо одам у таква институција беше доволно стресен и страшен за мене. Местото беше ужасно. Останато такво какво шо Тито го оставил. Валкани ходници, искршени врати, застарена опрема, бели изгребани столици од 1945 и слично. Но шо е тука е. Ме внесоа во една соба каде ме седнаа на некој чуден стол. Рацете ми ги стегнаа на самиот стол. Главата ми беше заглавена во нешто шо изгледаше како менѓеме. Влезе некој и ми стави некоја чудна гумена капа на која подоцна редеа некои електроди. Сево ова беше ново и застрашувачко за мене. Срцето ми лупаше 300 на саат. Во првиот момент кога струјата протече низ мене осетив дека јазикот ми се стегна. Устата ми се исуши. Не можев да голтнам. И ете го. Нападот. Ужасно беше шо и рацете ми беа врзани и не можев ништо да направам. Од преголема паника тестот го прекинаа на половина, но беше доволно за да видат дека има отскокнување од нормалното. Со пола резултати се вратив кај доктор Шадман. Истото го кажа како и докторот во Скопје. Ќе мора да се закаже снимање со магнетна резонаца. Прво закажавме во воена болница. Некаде за недела две имаше термин. Имав пријатели кои потегнаа некоја врска за тоа да се убрза па намаливме на една недела. Интересна работа се случи додека траеше периодот на чекање. Морав и дома да кажам дека нешто не во ред. Мајка ми испаничи квалитетно. И мајка ко мајка ќе бара чаре на сите страни. Дури ме натера да отидеме и до кај некој надрилекар. Јас никоагаш не сум верувал и одбивам да верувам во такви работи. Не верувам во хороскопи. Не верувам во ништо осфен во сам себе. Но за да ја задоволам ете, отидов. Отидов без некои очекувања. Ја верувам на медицината и науката и она кое можеш да го видиш. Тоа шо го слушнав таму подоцна излезе она да ти падне вилицата до земја. Човекот, некој старец. Следново запамтете го за подоцна. Уште кога ме виде ми рече ти не си за кај мене. Си помислив ноу шит Шерлок. И се свртев да си одам. Ама да ти кажам тоа темното шо ти е у главата ќе ти помине. На трети март се ќе се среди.

Ова се случи некаде на почеток на февруари. Дури и заборавив дека воопшто се случило. Дојде денот. Заминав за Скопје. У воена болница ме снимаа у нешто шо личеше на перална. Ужасна бучна машина. Докторот кој требаше да ги чита снимките малку заќуте.

  • Има некоја темна маса но не би знаел да кажам што е.

Ок не знаеш, не знаеш. Ќе бараме некој шо знае. У Кавадарци бев кај друг кој пола саат ме моташе.

  • Па ова е оток некој.

И така верглаше додека не му реков: Добро бе возрасен, сум можеш да ми кажеш што и да е ќе поднесам.

  • Добро. Имаш некоја чудна округла форма со прилично широк дијаметар од околу 5,5 сантиметри. Се соменвам на тумор, но ќе биде најдобро да се испита уште еднаш. Препорачувам др. Чепреганов и Неуромедика.

Експлозија. Си го земав палтото и резултатите и тргнав кон вратата каде и да беше она. По скалите се движеше дух. Гледаш галама околу тебе ама не слушаш ништо. Одиш некаде, но не знаеш каде. Позитивниот човек беше удавен некаде длабоко. На позитивниот човек не му текнуваше ниту една шала. Да си ја каже сам и да се насмее без разлика шо шалата веќе ја има чуено. Надвор беше ужасно ладно. Не знам колку време сум одел без да го облечам палтото. Ги држев снимките во рака ама од лутина сум ги смачкал. Во мозокот ми се вртеше само она како ќе им кажам на моите дома? Шо да им кажам? Како да извртам да не ги мрднам од памет? Немаше лесен начин. Не беше ова грип па да го прележиш. Ова беше сериозно. Многу сериозно. За прв пат во животот бев уплашен за сопствениот живот. У цела таа паника бев повеќе уплашен како тоа ќе го поднесат моите дома? Замисли јас имам тумор, а се плашам како тоа моите ќе го поднесат. Како бе да им кажам??? Како??

Искрено не знам дома како стигнав. Не памтам ни каде сум се движел, ни дали сум сретнал некој по пат. Знам дека свратив на работа. Си ги собрав работите и им кажав дека ќе ме нема некое време. Уствари не знаев ни дали ќе се вратам. Се свестив пред зградата во која тогаш живеев. Стоев на скалите. Стоев пред станот и тогаш ме рокна. Едвај отклучив и влегов. Рикав како мало дете. Може сум плачел два саата, не знам. Лежев на подот во мојата соба. Беше некаде 12 саат коа си дојдов. После тоа станав. Се прибрав. Тоа плачењето се исплати да ви кажам. Позитивниот јас успеа да се пробие. Се јавив прво на девојка ми. Зборував како да имам блага настинка. Се смирив. Се помирив со тоа шо ми се случува. Мама ја седнав и’ и кажав без паника. Ништо лошо нема да се случи. На крај се ќе се заврши до добро. Знаев дека сака да вришти ама ме виде дека сум охрабрен и смирен. Дека покрај ужасијата која ми се случуваше нејното Боре успева да најде сила и да се насмее. Мислам дека тоа ја смири малку. Верувам дека додека била сама има испаничено. Се јавивме на татко ми и брат ми. Им кажавме. Смирено закажав термин во Неуромедика. Терминот беше некаде на 20 фебруари. За три дена ќе знам шо ми е и како понатаму. Деновите беа долги. Ноќите уште подолги. Ментално се припремав за било што. Што и да ми кажат знам дека ќе бидам добар. Дојде полека денот. Влегов кај Чепре, а он ко цел живот да ме познавал. Почнавме со ЕЕГ. Истите резултати како и претходно. Идеме на МРИ со контраст. Заврши снимањето. Додека чекавме у ходник братучед ми кој беше со мене ми рече:

Ти си чудо од човек! Мене ми се тресат нозите. Алал да ти е за таа позитивна енергија и смиреност шо ги имаш цел живот. Знаев дека некоаш ќе ти се најде. Држи се и биди силен. Сите сме тука со тебе и за тебе.

Не се плашев повеќе. Го чекав докторот смирено. А докторот луд. Излева и вика:

  • Кој е Боро?

Ја ме.

  • Ти бе уште ли не си опериран?

Еми денеска дојдов, не сум.

  • Трк у државна доктор Угриновски ќе те среди за час.

Операција? Океј. Се свртев. Позади мене стеоеше фамилија со ужас во очите. Исплашени до смрт.

Шо чекате бе? Одиме на операција. – им викнав насмеан

Вечерта ја минав кај Сале. И моите беа таму. Не спиев ни една минута. Од стрес повратив неколку пати. Станот беше ужасно топол, но јас се тресев. Не можев да се стоплам. Притоа цело време во главата ми ечеа зборовите дека сум силен. Дека ќе издржам. Дека еден ден ќе се сетам на ова и ќе се смеам. Дека мојот пат не завршува тука. Дека ова е само нешто низ кое морам да поминам. И додека го мислев тоа низ памет ми поминуваа ликовите на мама, на тато, на брат ми. Сабајлето станав и заминав у државна. Не чуствував повеќе страв. Не знам зошто? Не знам каква е таа сила во мене шо ме држеше свесен за се шо се случуваше околу мене. Останав прибран како да одам на одмор. Се сместив и им реков на моите да си одат. Ми требаше време да бидам сам. Да се сконцентрирам на тоа шо ме чека. Да ја насочам цела моја позитивна енергија во добар исход.

Три дена поминаа во дополнителни тестирања. Немав проблем. Слушнав дека го истакнале распоредот на закажани операции. Отидов да видам кога е мојата. И тука иде муабетот од погоре кој ми го кажа старецот. Мојата операција беше закажана за третиот ден, во третиот месец од годината 2003. Точно на денот кој ми го кажа и дедото. Чудна случајност. Луѓето во вакви моменти случајностите ги нарекуваат чуда. Ја ги нарекувам случајности. Случајни проблеми кои сам мораш да ги надминеш. Нешо како glitch in the Matrix.

И толку. Останатото е историја. Боре жив. Уште насмеан. Еве и денес 16 години после шо викаше една пријателка, Боре е истиот тој човек кој покрај на своето лице, насмевки црта и на лицата на многумина кои може и не го познаваат. Едноставно го познаваат преку социјалните мрежи. Мене ме спаси мојот дух. Ме спаси мојата фамилија шо не мрдна од покрај мојот кревет цели 2-3 месеци. Ме спасија моите пријатели кои не ме оставија сам ниту еден момент. Ме спасија спосбните доктори Шадан Мести, Методи Чепреганов, Јовица Угриновски, Бранко Блажевски, Марина Каровска и цел еден тим човечишта шо повеќе од осум саата ми “копаа” по главата.

Чудна работа се случи на последниот ден во болницата. Чекав да ми ја дадат отпусната листа и резултатите од биопсијата. И дочекав. Дочекавме сите. Она најтешкото “Уф” кажано од олеснување се случи кога докорот кажа дека се е во ред. Туморот комплетно исчистен без можност да се врати. Си го земав ранецот и резултатите во рака и се втурнав кон скалите. И покрај тоа шо не бев у состојба уште да се движам нормално забрзано одев. Можеби и трчав? Одев како луд наоколу и ја барав вратата. И ја најдов. Земав воздух длабоко и паднав на колена. Ми се пресекоа нозете. Плачев како мало дете. Плачев од среќа. Или се смеев? Појма неам. Луѓето кои поминуваа се чудеа што ми се случило. Плачев до Катланово. Или до Велес. Не знам. Никој не ми викаше да прекинам. Ќутеа, а знам дека внатре во себе вриштеа од среќа. Им беше сосема јасно. Човекот од кој се смееше цела болница рикаше како да го преживува истиот хорор по втор пат. Но хоророт веќе беше далеку позади мене. Го оставив на трети спрат у соба број 4. Веројатно засекогаш!

Додека бев во болница многу се смеев. Сите се смеевме. Можда беше и некој одбрамбен систем на организмот кој се развива спонтано кај пациентите. Можда организмот само си нашол одличен механизам справување со стресот? И работи, не кај сите ама работи.

Кога сме кај смеењето во болница една случка ќе ви раскажам која покрај тоа шо беше ужасна ми остана како виц за односите во бракот кај луѓето што подолго време се заедно. Имињата ќе ги променам. Првиот ден кога седнав на болничкиот кревет до мене веќе имаше некој пациент. Блажо. Во Блажо се гледав себе си на стари години. Весел и расположен и покрај тоа шо се наоѓа во болница. Слика која ретко се гледа во болници каде шо условите не се баш сјајни. Блажо пред некое време почнал да криви со едната нога. После прегледите докторите утврдиле дека има оштетување на еден од пршлените на р’бетниот столб. По совет на неговата сопруга која ќе ја крстиме Перса, одлучил да се оперира. Блажо, како и јас чекаше на ред. Дојде денот кога требаше да го оперираат. Самата операција траеше некаде околу 3-4 саата. Перса замина дома. Таква беше. На прв поглед мрзелива, а богами и на втор. Ама она карактерно мрзелива. Секој ден доаѓаше да го посети и стално носеше по нешто за апнување и покрај тоа што Блажо не смееше да јаде. Го вратија од операција и на прв поглед изгледаше ок. После некое време додека го гледав пред мои очи почна да отекува и да се дуе. Викнав по сестрите и веднаш го однесоа. Излезе дека парчето коска кое му го сечеа од бутот за да направат нов пршлен се одлепило. Паѓајќи надоле оштетило нешто и ваљда поради инфекција почнал Блажо да отекува. Го средија на брзина. Го вратија назад. Од коа се освести после 24 часа побара малку водичка. Мајка ми претпазливо со лажица му даде 2-3 капки. Се удави човекот од 2-3 капки вода. Не им беше јасно што се случува и пак го вратија на операциона маса. Излезе дека парчето коа паднало надоле во исто време го оштетило хранопроводот кој патем се инфицирал и водата шо ја голтал му одела во белите дробови. Го средија пак. После тоа Блажо беше неспособен да јаде и да пие вода. Се што примаше го примаше преку систем или преку цефчето кое му беше спроведено преку носот директно во желудникот. Ние бевме свесни и гледавме да јадеме надвор за да не не гледа. На втората или третата ден од неговото патешествие дојде Перса. Донесе колачи, соленки и шише ладна газоза. Газозата беше како спремна за реклама. Шишето испотено. Права посластица за човек кој со денови се немаше напиено никаква течност. Седна Перса на мојот кревет и почна да си грицка од соленките. Блажо беше видно вознемирен од нејзината нечувствителност, но ќутеше. Ќутеше се до моментот кога Перса стана и го зеде шишето газоза и го фати за тапата. Пошто беше тивко во собата се чу само едно дооооолго ПШШШШШШШШШШШШШШШШШШШШШШТ! Дури и мене ми потекоа лиги. Блажо ги отвори очите и извика на цел глас:

  • Персо! Ја умирам за вода пичка ти материна ти овде реклами ми снимаш!! Губи се одма!

Умрев. Умрев од смеење. Сите се смееја. Со Блажо се видовме и после. Му бев на гости дома. Не ги забораваш пациентите кои со тебе ги делеле некои од нивните најтешки моменти. Не можам да кажам, за жал, дека сите испаднавме живи од собата број 4 на одделот за неврохирургија во државна болница. Но тоа е. Животот продолжува.

Од тогаш па до ден денес духот го полнам со позитивна енергија. Секој ден. Секогаш и секаде наоѓам причини да се насмеам. Онака, за секој случај да не ми притреба мене или на некој друг. На моменти се занесуам дека сум супер херој. Дека сум неуништлив. Нормално тоа завршува со зјапање у чаша вода која со мојата способност за телекинеза пробам да ја префрлам од масата до креветот пошо ме мрзи да станам и да ја земам. Ама знаете шо? Сум. Сум супер херој. Друг пат ќе ви кажам каков.

После некое време од коа се опраив со одење и ориентација у простор и време тркнав до кај др. Шадман. Го начекав у канцеларија. Читаше некоја книга за медицина. Читаше цело време кога и да отидев и после тоа. Тој човек не престануваше да чита.

  • Еј абе море ти добар си?

Добар него шта.

  • Заврши цела работа?

Заврши. Еве ме жив здрав и преинсталиран. Лошите сектори од хард дискот поправени.

  • Епа браво!

На заминување го изгушкав. А и како не би? Му го должам животот токму нему! И би порачал на сите доктори, на сите луѓе: Читајте, читајте пизда ви материна и не ги слушајте жените баш цело време да не се најдете во некоја реклама за газоза 😀

И за крај, треба да ви е јасно дека од тука иде и мојот апетит за црн хумор и сакразам до јаја. Буквално се лошо шо може да му се случи на човек ми се има случено. И знам дека понекоаш претеруам ама тоа сум ја. Затоа и викам дека за добар хумор нема табу тема. Искрено не постое нешто шо може да ме повреде или навреде. Посебно не на социјални мрежи. Затоа гледам тоа шо го практикувам у животот да биде тоа шо сум ја тука. Да нема разлика помеѓу Боре на улицата, Боре дома и Боре на социјални мрежи.

Свит сикстин по други пут

7 thoughts on “Супер херој

  1. Томе March 3, 2021 / 8:57 am

    Браво, одличен мотивационен текст за секого.

    Like

    • Albert March 6, 2023 / 3:50 pm

      Za zal mojot shura nema takva sreka. Veke 1 i pol se borime so Glioblastom 4 stepen na mesto kade nemozes da se operira.

      Liked by 1 person

  2. Mushterija March 3, 2022 / 10:16 am

    Секоја чест!

    Liked by 1 person

  3. Jana March 5, 2022 / 3:28 pm

    Не знам по кој пат го читам, и секој пат завршувам со солзи и мрсули. Ама и тие се за луѓе, нели? Да си жив и здрав уште долги години!

    Like

  4. Марија March 8, 2022 / 11:05 am

    Секоја чест. Упорните, а посебно кај позитивните успехот е неминовен.

    Liked by 1 person

  5. Даниела Спироска March 3, 2023 / 9:48 am

    Да си жив и здрав уште многу години!

    Liked by 1 person

Leave a comment